Македонија Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот...

Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Од Платформата ги истакнуваат предизборните периоди како период кој е полн со сексистички и шовинистички навреди, особено за жените вклучени во предизборниот процес

Фото: Платформа за родова еднаквост

Во соопштение, Платформата за родова еднаквост апелира политичките партии и нивните приврзаници да покажат демократски капацитет и да се воздржат од навреди и ширење на говор на омраза. Оттаму истакнуваат дека предизборни периоди особено знаат да се полни со понижувања и навреди кон жените, а ги охрабруваат граѓаните да пријават говор на омраза на следниот линк.

Од Платформата потенцираат дека претходните предизборни циклуси биле полни со говор на омраза, особено кон жените кои биле вклучени во предизборниот процес. Иако оваа предизборните кампањи сè уште не се официјално започнати, според Платформата, веќе сме сведоци на сексистички и шовинистички напади врз жените, особено на социјалните мрежи.

„Родово базираниот говор на омраза охрабрува насилство кон одредена личност или група врз основа на припадноста на одреден род. Интегритетот на жените во јавната сфера е на удар особено кога ќе се „дрзне“ активно да учествува во донесувањето на одлуки. Непостоење на систем на казнивост, како и релативизирањето на говорот на омраза претставува услов за ширење на нетолеранција и атмосфера на линч“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Исткануваат дека жените кои не се плашат да се во јавниот живот особено се мета на навреди и напади. Силно охрабруваат повеќе жени да заземат одлучувачки позиции, за да вистински се постигнат суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

„Идејата дека местото на жените е во домот е застарена, навредлива и дискриминаторска идеја која значи исклучување на жените и уназадување на целото општество. Наместо да се употребува сексистичкиот говор и да морализира за тоа како жените треба да изгледаат и да се однесуваат, треба да се направи повеќе место за жените во сите општествени сфери. Местото на жената е секаде каде што се донесуваат одлуки, затоа што жените сочинуваат половина од општеството и не смеат да останат исклучени од политиките и одлуките што и нив директно ги засегаат“, заклучуваат од Платформата.