Македонија Планот „3-6-9“ се спроведува забрзано, ѝ соопштил Заев на бриселската тројка

Планот „3-6-9“ се спроведува забрзано, ѝ соопштил Заев на бриселската тројка

Премиерот Зоран Заев денеска со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн разговарал за актуелната политичка состојба во Република Македонија во пресрет на локалните избори, спроведувањето на зацртаниот реформски процес, како и за надворешната политика и за евроатлантските процеси.

На сребата Заев ги информирал дека спроведувањето на реформскиот план „3-6-9“ е инклузивен процес што се одвива со засилено темпо и дека во неговата реализација целосно се вклучени сите министерства. Во однос на меѓународната политика, тој нагласил дека изминатиот период е особено позитивен во поглед на меѓународната политика и унапредувањето на односите на Република Македонија и на соседите.

– Преку Договорот за добрососедство со Република Бугарија и со соработката со сите други соседи, докажавме дека можеме сами да ги решаваме отворените прашања во заемна корист, без притоа да чекаме помош од посредници во процесот на договарање – рекол Заев.

Во пресрет на локалните избори, актуелниот премиер истакнал дека очекува победа на СДСМ и на коалицијата на фер и веродостојни локални избори, чијшто исход во голема мера ќе го одреди правецот по кој во иднина ќе се движи Република Македонија.

– Верувам дека по парламентарните избори и локалните избори ќе ја докажат потребата од мултиетничкиот карактер на партиите. Локалните избори, на кои очекуваме победа, ќе ги докажат придобивките од концептот на едно општество во кое силно веруваме -рече Заев.