Македонија Планинарската федерација до Димковски: Забраната за движење по шуми е избрзана, повлечете...

Планинарската федерација до Димковски: Забраната за движење по шуми е избрзана, повлечете ја

Претседателот на Федерацијата на планински спортови, Јовица Угриновски упати отворено писмо до министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Трајан Димковски по повод вчера донесената забрана за движење по шумите, поради наводно зголемената опасност од појава на шумски пожари.

„Вашата одлука е избрзана, неоправдана и нерационална не само од аспект на причините што Вие ги наведувате, туку и од здравствен аспект, посебно во услови во кои нашата земја и целиот свет се наоѓа. Таа го суспендира основното човеково право на слободно движење и уживање на својата сопственост и е без преседан бидејќи досега не е спроведена во ниедна земја во светот. Федерацијата за планинарство е крајно изненадена и разочарана од вашата избрзана, необмислена и нерационална одлука, целосно да се забрани движењето на граѓаните во природа и во шумите кои се национално богатство и им припаѓаат на сите граѓани,“ стои во писмената реакција на ФПСМ.

Од таму сметаат дека причината која е наведена не држи, бидејќи април и мај се највлажните месеци во годината, а на повеќето планини се уште има снег.

Од Федерацијата бараат од министерот да ја преиспита одлуката за, како што се вели, доброто на сите граѓани, планинари, вљубеници на природата и во полза на нашето национално богатство.

ФПСМ и Клубовите-членки, се вели натаму во писмото до министерот, стриктно ги подржуваат и практицираат мерките на Владата и Министерството за здравство, за индивидуална и колективна заштита од Ковид-19, а доказ за тоа е што досега нема пријавено ниедно прекршување на овие препораки ниту од Клуб ниту од поединец-планинар.