Свет Европа Пилотска расправија е можна причина за падот на авионот

Пилотска расправија е можна причина за падот на авионот

Теоријата за механички дефект како причина за падот на авионот на „Џерманвингс“ на француските Алпи е отфрлена по анализата на податоците од црната кутија, кои укажуваат дека причина за падот е несоодветното однесување на пилотот во текот на летот.

Како што пишува британскиот весник „Мирор“, пилотите пред несреќата се скарале. Еден од нив ја напуштил кабината, а другиот потоа се заклучил во неа. Снимките, наводно, откриваат дека вратата од кабината во еден момент се отворила, но пилотот од кокпитот го блокирал влезот со седиштето. Пилотите викале еден на друг, а потоа тој што бил надвор се обидел да ја скрши вратата.

– Потоа немало никаков разговор, а набргу се слушнал звук на паѓање на авионот – вели еден од истражителите.

Копилотот на „ербас“, кој во вторникот се урна на француските Алпи, работи за „Џерманвингс“ од 2013 година, а зад себе има 630 часа летање. Главниот пилот во „Луфтханза“ е вработен веќе 10 години, а има повеќе од 6.000 часа летање.
Иако компанијата, поради заштита на семејствата, не сакаше да ги објави нивните идентитети, медиумите пишуваат дека главниот пилот се вика Патрик С., и е татко на две деца, а неговиот копилот е Андреас Л., момче од гратчето Монтабаур. И двајцата се со германска националност.

На француските истражители, во решавањето на мистеријата им помагаат и експертите од Интерпол. Во падот на „ербасот на „Џерманвингс“ на француските Алпи загинаа сите 150 патници и членови на екипажот.