Македонија Петковски бил погоден од заскитан, а не од „наменет“ куршум

Петковски бил погоден од заскитан, а не од „наменет“ куршум

Функционерот на СДСМ од Битола, Борче Петковски, не бил цел на планиран вооружен напад со политичка заднина, туку бил погоден во ногата од заскитан куршум. Ова го наговестуваат резулатите од вештачењето на проектилот што пред Велигден го погоди во нога поранешниот пратеник на СДСМ и актуелен партиски функционер во Битола, дознава „Мета“.

Според наши извори од полицијата, вештачење било извршено и во Битола и во Скопје и покажало дека куршумот бил испукан на воздушна далечина од 1,2 километри. Зрното кое било извадено од ногата на Петковски било со калибар од 9 милиетри, популарно наречено „долга деветка“.

Зрното било со слаба ударна моќ и не успеало да направи излез на другата страна од коленото, поради што морало да биде хируршки извадено.

Нашите извори велат дека сите овие наоди укажуваат на тоа дека се работи за несреќен случај предизвикан од заскитан куршум, со што се демантираат сите гласини дека случајот има политичка заднина.

Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, официјално вели дека вештачењето не е завршено, а кога случајот ќе биде комплетиран, ќе излезат со информации во јавноста.

Настанот се случи на 27 април во населбата Карпош во Битола, во моментот кога Петковски стоел на тротоар заедно со поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за Битола, Љупчо Чкљамовски, и со поранешниот градоначалник на Битола, Златко Вршковски.