Главна секција Пет пријави за говор на омраза на социјалните мрежи за трагичната сообраќајна...

Пет пријави за говор на омраза на социјалните мрежи за трагичната сообраќајна несреќа

МВР покренало пет постапки за говор на омраза на социјалните мрежи во врска со трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово и се работи на откривање на други профили на социјалните мрежи од кои се шират говори на омраза, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Веќе се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обвинителства во Скопје, Струмица и во Куманово и секако дека ако се случуваат и во наредните денови ќе имаме реакција – рече Спасовски.

Министерот очекува денеска да има првични сознанија околу истрагата за автобуска несреќа на автопатот Скопје – Тетово, кај село Ласкарци, во која загинаа 14 лица, а 37 лица беа повредени.

Тој упати благодарност до институциите на државно и на локално ниво, кои како што рече реагирале бргу и ефикасно, на лекарите и медицинскиот кадар од јавното и приватното здравство, а ја потенцираше и солидарноста на граѓаните.