Македонија Пет лица повикани во полиција за нападот на Елвис Бајрам

Пет лица повикани во полиција за нападот на Елвис Бајрам

Пет лица се идентификувани и се повикани на разговор во полиција поради учество во вчерашната тепачка во општина Шуто Оризари, во која беше повреден Елвис Бајрам, актуелен градоначалник на општината и кандидат за градоначалник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.

Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека во тек е прибирањето на доказите за понатамошна постапка.

Оттаму ги осудуваат сите облици на насилство, особено за време на изборната кампања.

„Изборниот процес е наменет за претставување на кандидатите и на нивните програми и Министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и за загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, стои во соопштението на МВР.

Инцидентот се случи вчера, околу 18 часот, кога Елвис Бајрам и Аднан Мемет, кој е дел од неговиот изборен штаб, првин биле соборени на земја со тупаници, а потоа биле удирани со клоци и со метални и дрвени прачки.

Бајрам беше хоспитализиран во болницата „8 Септември“, каде му беа санирани повредите.