Македонија Пензиите ќе се исплатуваат на први во месецот, како што беше пред...

Пензиите ќе се исплатуваат на први во месецот, како што беше пред пандемијата

Поради завршувањето на пандемијата, деловните банки ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, со тоа што пензиите ќе се исплаќаат на 1-ви во месецот директно од буџетот на државата, известуваат од МТСП

Фото: Мета.мк

Министерство за труд и социјална политика известува дека се враќа редовниот начин на исплата на пензијата за месец август. Ова значи дека наместо предвремената исплата на пензијата воведена поради прогласувањето на пандемија во државата и донесените мерки за заштита од корона вирусот, таа ќе се исплатува секој први во месецот.

„За време на траење на пандемијата, во соработка со деловните банки, се вршеше предвремена етапна исплата на пензиите во четири групи, како дел од препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот кај пензионерите како најранлива возрасна група, а со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје. Поради завршувањето на пандемијата, деловните банки преку Македонската банкарска асоцијација (МБА) ја прекинуваат досегашната пракса за предвременото исплаќање на пензиите, со тоа што пензиите ќе се исплаќаат на 1-ви во месецот директно од буџетот на државата“, известуваат од Министерството.