Македонија Пендаровски: Следната власт да спроведе прочистување кај судиите, обвинителите, но најпрво кај политичарите

Пендаровски: Следната власт да спроведе прочистување кај судиите, обвинителите, но најпрво кај политичарите

Претседателот Стево Пендаровски во своето прво годишното обраќање пред пратениците во Собранието нагласи дека на пролет е исклучително важно да се организираат фер и демократски избори.

„Претстојните парламентарни избори, едноставно, не смеат да бидат под нивото на претседателските и тоа според двете суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во админстрацијата ослободени од притисоци и второ, политичка реторика и култура која го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека негова главна цел била и останува, да биде независен и претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх. Пред него, рече, и пред сите стои огромна работа бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, се се уште длабоки.

Пендаровски во своето обраќање, меѓу другото, се осврна и на Законот за јазиците, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, како што рече, „според старите и лоши навики е прочитано исклучиво преку политичка и етничка диоптрија“.

Како врв на лошите состојби во правосудниот систем, претседателот го посочи случајот „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел – да ги гони криминалците.

„Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да не чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат тн. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе – домаќини, со образ и личен интегритет, туку, типови од криминалниот полусвет“, нагласи претседателот, порачувајќи и на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, најпрво, кај политичарите.

Во своето обраќање, претседателот посочи и на сериозната опасност за нашата сегашност и иднина, а тоа  е загадувањето на животната средина. Предложи тоа прашање да се извади од дневната политика и да се донесе натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата.

Претседателот ги повика релевантните политички субјекти, да седнат заедно и да донесат натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од голготата на нашиот народ со иселувањето.