Македонија Пендаровски и Мицкоски се судрија околу тоа кој има повисок рејтинг

Пендаровски и Мицкоски се судрија околу тоа кој има повисок рејтинг

Христијан Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг. Имено и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски, вели претседателот Пендаровски

Фото: Колаж, Мета.мк

Христијан Мицкоски е последниот политичар во Македонија кој би требало да зборува за личниот рејтинг. Имено, и после цели пет години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ има двојно помал рејтинг од нивниот поранешен претседател Никола Груевски, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.

Изјавата следува откако претходно Мицкоски во своето гостување во радио Лидер рече дека кога станува за Стево Пендаровски, „тој и да се кандидира за претседател на куќен совет во зградата каде што живее, не може да добие повеќе од два гласа“.

На оваа изјава денеска се огласи Пендаровски, кој рече дека во македонската политичка историја, претседателите на најголемите политички партии секогаш имале двојно повисок личен рејтинг од партиите кои ги воделе. Како пример тој ги наведе Бранко Црвенковски, Зоран Заев кај СДСМ, Љубчо Георгиевски и Никола Груевски кај ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски е единствениот исклучок затоа што има 50% понизок рејтинг од партијата која ја предводи. Впрочем, најпрецизен индикатор за личниот рејтинг на Мицкоски е последната анкета на фондацијата ИРИ, на која претседателот Пендаровски има најголема доверба, а Мицкоски не се наоѓа ниту меѓу првите петмина на листата“, вели Пендаровски во соопштението.

На ова, повторно со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ. Рејтингот на Пендаровски е статистичка грешка, бледа појава, со уште побледи ставови, изјавија од партијата.

„Навистина е трагично во што се претвори Стево Пендаровски, а уште пожално е за позицијата која ја извршува. Пендаровски е човекот кој сам кажа дека го составувал предлогот кој прерасна во бугарски диктат за промена на уставот, тој е човекот кој трчаше да ги потпише измените во КЗ, и слеп извршител на сите наредби на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.