Свет Европа Патрушев: Зголемен ризикот од употреба нуклеарно, хемиско или биолошко оружје

Патрушев: Зголемен ризикот од употреба нуклеарно, хемиско или биолошко оружје

„Се зголемува ризикот од користење нуклеарно, хемиско и биолошко оружје. Меѓународниот режим за контрола на оружјето е поткопан“, вели Патрушев, соработник на Путин

Секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев, вчера изјави дека „деструктивната“ политика на САД и нивните сојузници го зголемува ризикот од употреба на нуклеарно, хемиско или биолошко оружје во војната, пренесува „Гардијан“.

Државната новинска агенција „Тас“ го цитира Патрушев, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, кој вели дека влошувањето на глобалната безбедност е природна последица на деструктивната политика на Соединетите американски држави.

„Се зголемува ризикот дека ќе се користи нуклеарно, хемиско и биолошко оружје. Меѓународниот режим за контрола на оружјето е поткопан”, вели тој.

Дополнително, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави дека Западот ја уништил глобалната економија со воведувањето санкции кон Русија и дека зелената транзиција на Западот предизвикала кризи на глобалниот пазар на нафта и гас.

Лавров кажа дека  обидите на Обединетите Нации за заживување на иницијативата за жито во Црното Море сè уште не даваат резултати. Русија во јули се повлече од договорот што и овозможи на Украина безбедно да извезува жито од нејзините пристаништа на Црното Море, и покрај војната.

Оттогаш, Русија често ги напаѓа украинските пристаништа и складишта, а уништени се стотици илјади тони жито.

Руските војници убиле тројца цивили во источниот регион Доњецк, во изминатите 24 часа, соопшти Ихор Мороз, вршител на должноста началник на регионалната воена управа на Доњецк, пренесува Укринформ.

Од почетокот на инвазијата, руската армија убила најмалку 1.762 цивили во регионот и повредила најмалку 4.290 лица.