Македонија Патничките и товарните возови не сообраќаат, железничарите бараат плата

Патничките и товарните возови не сообраќаат, железничарите бараат плата

Фото: Архива на „Мета“

Втор ден не функционира патничкиот и товарниот железнички сообраќај во земјава. Вработените од Железници на РСМ-Транспорт не ги исполнуваат своите работни обврски поради тоа што не им е исплатен вториот дел од платата за декември. Уште во ноември лани, тие ја предупредија државата дека возовите нема да сообраќаат, доколку најдоцна до 25-ти во месецот не им биде во целост исплатена платата од претходниот месец.

Синдикатите на машинскиот и извршниот персонал во Железници на РСМ-Транспорт ја донесоа ваквата одлука на 2 ноември минатата година, а штрајк на железничарите поради неисплатена плата имаше во ноември, но и во август лани.

Неподмирувањето на плата кон вработените во Железници на РСМ-Транспорт е проблем што се провлекува со години наназад во еден од најголемите државни загубари. Според податоците на Министерството за финансии, на крајот од 2021 година Железници на РСМ-Транспорт има акумулирани загуби во износ од 65 милиони евра. Притоа, ваквите долгови на претпријатието растат во континуитет низ годините.