Македонија Партиите не можат да се договорат ниту за експертите во ДИК

Партиите не можат да се договорат ниту за експертите во ДИК

Се намалуваат шансите утре Собранието да ги изгласа членовите на Државната изборна комисија, направена по теркот на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, дознава „Мета“.

Според нашите информации, партиите не можат да се договорат за имињата на тројцата експерти што ќе бидат членови на комисијата. Инаку, според договорот, денеска требаше да бидат познати имињата на експертите, а утре да се најдат на собраниска седница и да бидат ставени на гласање. Сепак, досега не е познато ниту едно име.

Партиите, пак,  минтата недела предложија свои членови на ДИК. Виолета Дума, која и сега е актуелен член на ДИК, и Игор Милев се предлози на СДСМ, Силана Бонева и Сашо Срцев, исто така актуелен член на ДИК, се предлози на ВМРО-ДПМНЕ. Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА се, исто така, актуелни членови на највисокото изборно тело во државата.

Инаку, во составот на ДИК има девет члена, тројца предложени од позицијата, тројца предложени и поддржани од опозицијата и тројца членови од редот експертите.

Членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство, а од редот на членовите се избираат претседателот и потпретседателот на комисијата. Како резултат на Договорот од Пржино, измените на изборниот законик предвидуваат претседателот или потпретседателот на ДИК да бидат избирани од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница. Членовите на Државната изборна комисја се со мандат од пет години, со право на повторен избор.