Свет Балкан Парламентот на Црна Гора едногласно ја донесе одлуката за членство во НАТО

Парламентот на Црна Гора едногласно ја донесе одлуката за членство во НАТО

Сите 46 присутни пратеници во парламентот на Црна Гора денеска едногласно ја донесоа одлуката за влез на Црна Гора во НАТО. Се гласаше за предлог-законот за потврдување на Северноатлантскиот договор, со кој се обезбедуваат условите за пристапување на Црна Гора во НАТО.

Покрај владејачката коалиција, членството на Црна Гора во Алијансата го поддржаа и пратениците на Социјалдемократската партија, кои единствени од опозициските партии присуствуваа на парламентарната седница што се одржа во Цетиње.

Паралелно со одржување на седницата, Демократскиот фронт организираше протести поради одлуката за членство на Црна Гора во Северноатлантската алијанса. Тие нагласија дека нема да ја признаат одлуката на парламентот. Протестите почнаа пред објектот на Општина Цетиње, во кој се одржуваше седницата. Демонстрантите извикуваа „Убијци“, „Арамии“ и „Предавство“, а запалија и знаме на НАТО.