Македонија Парламентарна делегација на конференција во Словачка

Парламентарна делегација на конференција во Словачка

Од денеска до сабота, во Часта-Папирничка, Словачка, ќе се одржи работилница на тема „Улогата на законодавните служби во работата на собранието“, во организација на Националниот демократски институт за меѓународни односи (НДИ) и на Националниот совет на Словачка, на која ќе учествуваат пратениците од македонското собрание – Светлана Јакимовска, претседател на Законодавно-правната комисија, и Рамиз Мерко, член на Законодавно-правната комисија.

На работилницата ќе учествуваат претседатели на законодавни и на уставни комисии, членови на тие комисии, советници на комисиите, како и парламентарни правни експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и од Србија. Целта е да се споделат искуствата од Чешка, Словачка и од Полска со нивните законодавни служби, нивното функционирање и поддршка.

Учесниците ќе дискутираат за конкретни предлози за подобрување на квалитетот на законодавството, со зајакнување на парламентарните законодавни услуги, како нивните оддели за правни услуги кои им помагаат на пратениците и на комисиите во текот на секоја фаза на законодавниот процес во подготвувањето амандмани, обезбедување правни мислења за закони, учество на седниците на комисите за да се разјаснат прашањата и да се обезбедат консултации, како и прегледи на нацрт-закони за придржување кон домашните и законите на ЕУ.