Свет Европа Папата Франциск не очекува уште долго да остане поглавар

Папата Франциск не очекува уште долго да остане поглавар

Папата Франциск има чувство дека неговата служба ќе биде кратка и оти е подготвен да поднесе оставка како и неговиот претходник.

– Имам чувство дека мојот понтификат ќе биде краток – четири или пет години, можеби дури две или три. Чудно е тоа чувство – рекол 78-годишниот папа за мексиканскиот канал „Телевиза“.

Поглаварот на Римокатоличката црква смета дека „господ го поставил на кратко“ и оти „не му пречело што е папа“, но би сакал да отиде во Рим на пица и никој да не го препознае.

Папата Франциск рекол дека ја дели истата идеја со својот претходник, Бенедикт Шеснаесетти, кој е прв поглавар на Римокатоличката црква што во последните 600 години поднел оставка.

– Генерално, мислам дека тоа што Бенедикт го направи е храбро и имаше цел да отвори врата за пензионирање на папите. Бенедикт не би требало да се смета за исклучок, туку за институција – рече папата Франциск, додавајќи дека му недостигаат деновите кога можел слободно да се шета низ град.