Свет Пакистанските талибанци не го признаваат Ал-Багдади за водач на муслиманите

Пакистанските талибанци не го признаваат Ал-Багдади за водач на муслиманите

Пакистанските талибанци ги отфрлаат тврдењата на лидерот на Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади дека тој е водач на сите муслимани во светот. Тоа се наведува во соопштението на талибанците, до кое дојде „Ројтерс“.

Претходно и авганистаските талибанци соопштија дека не го признаваат Ал-Багдади за водач, како реакција на тоа што неколку команданти од понизок ранг на авганистанските и на пакистанските талибанци се заколнаа на лојалност на Исламска држава.

ИД минатата година го прогласи својот лидер за калиф, односно за лидер на една голема држава, а Ал-Багдади има амбиција да воспостави глобален калифат на чие чело би бил тој.

„Ал-Багдади не е калиф затоа што во исламот титулата калиф значи дека таа личност го контролира целиот муслимански свет, што во случајот со Ал-Багадади не е вистина. Тој контролира одредени луѓе и територија. Ал-Багдади не е исламски калиф затоа што тој не е избран во согласност со исламските правила“, се наведува во соопштението на пакистанските талибанци.

Пакистанските талибанци додаваат дека лидерот на ИД има мала контрола над муслиманските земји како Египет, Либија, Јемен и Авганистан.