Галерија Отворена постојаната поставка „Златото на Лихнитида“ во Охрид

Отворена постојаната поставка „Златото на Лихнитида“ во Охрид

Денеска во Охрид, со прогодна свеченост, отворена е постојаната поставка „Златото на Лихнитида“, или како што во јавноста претходно беше најавена, „Златната одаја“. Сместена е во една преуредена просторија на најрепрезантативниот примерок на староградската охридска архитектура – Куќата на Робевци.

На свеченоста, говореа министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и директорката на Заводот и Музејот во Охрид, Тања Паскали Бунташеска. На свеченоста беше присутен и Паско Кузман, еден од авторите на луксузната монографија, заедно со неговата сопруга Нада Почуча-Кузман. Меѓутоа, тие не се обратија пред присутните, а тоа во нивно име го направи директорката Паскали Бунташеска.

Академик Вера Битракова – Грозданова, претставувајќи ја луксузната монографија за поставката „Златото на Лихнитида“, рече дека е таа резултат на долгогодишните истражувања во Охрид и во Охридско, особено во последсниве 30 и специјално последните 10 години, на локалитетите Имарет, Самуилови крепости и други.
– Добро е кога сонот постои како желба. Сонот на драгиот Паско Кузман се оствари, тој доживеа да ја открие Златната маска, еден од највредните артефакти кај нас, но таа е истовремено и дел од највредното во светската цивилизација, еднаква на најзначајните светски збирки на златни артефакти – рече Битракова Грозданова.

Министерката Камчевска-Милевска рече дека поставката што се наоѓа во Музејот на Робевци, содржи точно 407 златни и позлатени предмети откриени на археолошките локалитети во Охрид и во Охридско, со хронолошка припадност од 7 век пред нашата ера, па сè до 19 век. Тоа е најблескавото движно археолошко богатство, од исклучително значење за македонската култура.

– Ова е извонреден приказ за големиот процут на антички Охрид. Таа е бедем за македонскиот национален идентитет – рече Камчевска-Милевска, одавајќи им признание на авторите, за, како што рече, прекрасната монографија од 300 страници.

Задоволството што Златната маска и белегзија, сепак, се вратија во Охрид, го искажа градоначалникот Никола Бакрачески.

– Највредните артефакти се вратија таму каде што им е и местото, а „Златната одаја“ за нас ќе биде препознатливост како што за парижаните и за светот се Лувр и Ајфеловата кула – истакна Бакрачески.

Акладемик Цветан Грозданов, кој беше почесен гостин и не говореше на настанот, за „Мета“ кратко коментираше: „Успеавме да ги вратиме, апелите на медиумите помогнаа“.