Хроника Откриени 39 мигранти во напуштено комби во Куманово

Откриени 39 мигранти во напуштено комби во Куманово

Полициска патрола вчераутро во населбата Доброшане, Кумановско, во напуштено комби пронашла 39 мигранти, од кои 21 биле малолетници, информираат од МВР.

Како што информираат оттаму, вчера околу 3 часот, сообраќајна патрола на кумановската полиција, кај обиколницата Куманово – Свети Николе, забележала товарно возило, марка „форд транзит“ со струмички регистарски ознаки, кое било придружувано од две возила, марка „ауди а3“ и „ауди а6“.

Откако возачите на двата автомобили и нивните двајца сопатници биле приведени, друга полициска патрола, во населбата Доброшане го нашла и товарното возило, кое било напуштено. Во него биле затекнати мигрантите, кои не поседувале никаков документ за идентификација.

По наредба на јавен обвинител, тројца од мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје, додека другите биле однесени во Транзитниот центар во Гевгелија, од каде ќе бидат вратени во Грција.