Економија Осум австриски компании заинтересирани за дистрибутери од Македонија

Осум австриски компании заинтересирани за дистрибутери од Македонија

Осум австриски компании остварија средба со 35 македонски фирми за соработка во областа на електро-металската индустрија, прехранбената, производство на медицинска опрема и на расветни тела.

– За македонските компании е од големо значење да соработуваат со компании од силните економии како што е Австрија. Нашите напори се насочени кон секторска поврзаност на македонските и на австриските компании. Лани остваривме пет средби и имаше конкретни договори – изјави Наташа Димеска-Стојаноска од Стопанска комора.

Анализите покажуваат дека соработката може да се подобри во земјоделско-прехранбениот сектор, животната средина, обновливи извори, автомобилска и текстилна индустрија, туризам, инфраструктура. Од 10 до 12 јуни во Виена ќе се одржува деловен состанок, што ќе се однесува на градење „паметни градови“ и е можност за пријавување на градежните компании.

– Деловната клима од компаниите е оценета како релативно стабилна, а постојаните инвеститори преземаат мерки за зголемување на своите дејности – изјави раководителот на трговското одделение на Амбасада на Австрија во Македонија, Герхард Шлатл.

Тој не сакаше да ги коментира актуелните политички случувања и нивнито влијание врз економијата, но подвлече дека важни за развојот се предвидливи правни рамки и опкружување.

Австрија е втор најголем инвеститор во Македонија со вкупни инвестиции од 74 милиони долари.