Главна секција Остри тонови од Брисел: Јункер не го прима Груевски поради кризата

Остри тонови од Брисел: Јункер не го прима Груевски поради кризата

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, ја откажа средбата со премиерот Груевски што требаше да се одржи в четврток во Брисел.

Портпаролката на Јункер, Мина Андреева, кусо ни потврди: „Бевме во разговори со поранешната југословенска република Македонија. Комесарот Хан беше на терен на 17, во контакт сме со нив, единствено што можам да кажам е дека поради развојот на настаните на терен, се одлучи дека не е опортуно да се има средба сега“.

Извори во Европската комисија за „Мета“ дообјаснуваат дека претседателот Јункер ја донел оваа одлука поради политичката криза во државата и поради недостигот од дијалог.

„Нашиот став е јасен. Ситуацијата во државата е тешка, ние рековме што мислиме, ова што се случува не е добро и треба да почне вистински дијалог за приоритетите на земјата. Контактите помеѓу ЕК и Македонија продолжуваат, но оценивме дека контакт на тоа високо ниво во овој момент е несоодветен“, изјави дипломатски извор за „Мета“.

Средбата не е одложена, само откажана, потврдуваат од ЕК. Целта на средбата беше двајцата лидери да се запознаат бидејќи формален контакт досега немало откако Јункер е избран за претседател на европската извршна власт.

Т.М.