Македонија Османи – Манжин: Македонија нема друга алтернатива освен евроатланската интеграција

Османи – Манжин: Македонија нема друга алтернатива освен евроатланската интеграција

Проширувањето на ЕУ мора да продолжи, а Македонија нема друга алтернатива освен евроатланската интеграција, заклучија на денешната средба вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и директорката за континентална Европа при француското министерство за надворешни работи, Флоренс Манжин.

– Изгубивме премногу време пред вратите на ЕУ и тоа лошо се одрази на состојбите во Македонија. Сакаме да ја искористиме оваа можност, овој нов момент кој влева оптимизам во земјава и кај земјите членки на Унијата и да испорачаме резултат. Ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, ќе го зајакнеме владеењето на правото и повторно ќе ги увериме меѓународните партнери за нашата вистинска цел која води во патот на кон ЕУ – истакнал Османи на средбата.

Вицепремиерот, како што соопштија од неговиот кабинет, ја нагласил одличната и блиска соработка на Македонија со Франција во однос на имплементацијата на потребните реформи поврзани со евроинтегративниот процес и побарал поддршка за обезбедување конкретни чекори од земјите членки на Унијата кои, како што рекол, би претставувале исклучително важен поттик за зачувување и за засилување на фокусот кон евроинтегративните процеси.