Македонија Османи утре на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел

Османи утре на состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, од денеска ќе биде во официјална посета на Брисел, а утре ќе учествува на тринаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација (ССА). Со Советот ќе претседава министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, а копретседавач ќе биде високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини.

На состанокот, како претставник на Европската комисија, ќе присуствува и комесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан.

„Се очекува вицепремиерот Османи да го образложи планот „3-6-9“, неговата содржина, имплементацијата и очекуваните ефекти, како и да ги повтори заложбите на Македонија за затворање на сите отворени политички прашања и за отстранување на сите пречки за реактивирање на евроинтегративните процеси. Ќе биде побарана и конкретна поддршка за реформите, како и поддршка за обезбедување конкретни чекори од страна на Европската Унија, кои појасно би ја рефлектирале европската перспектива на Македонија“, информираат од кабинетот на вицепремиерот.