Македонија Османи: С. Македонија нема да ги признае референдумите во Украина за приклучување...

Османи: С. Македонија нема да ги признае референдумите во Украина за приклучување кон Русија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи; Фото: Порталб.мк

Референдумите во окупираните украински територии имаат за цел да послужат како алиби за нелегална анексија на територија, што посебно ги загрозува малите држави, како Северна Македонија и земјава нема да ги признае резултатите од ваквите манипулативни референдуми, порача денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Истовремено, министерот за надворешни работи предупреди дека употребата на нуклеарната војна во секојдневната политичка меѓународна реторика е преминување на психолошката бариера и доведува на чекор поблиску до таква можност.

Референдумите се организираат во четири територии, односно региони на Украина – Луханск, Донецк, Херсон и Запорижја. Таму денеска тече четвртиот ден од „референдумот“ чија цел е анектирање на окупираните украински подрачја во Русија.