Подглавна секција Османи: Најважно е да се обезбеди непречен проток на хуманитарната помош за...

Османи: Најважно е да се обезбеди непречен проток на хуманитарната помош за Газа

На покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и заменик премиерот и министер за надворешни работи Кралството Јордан, Ајман Сафади, министерот за надворешни работи Бујар Османи учествува на осмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот, во Барселона

Фото: МНР

На покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и заменик премиерот и министер за надворешни работи Кралството Јордан, Ајман Сафади, министерот за надворешни работи Бујар Османи учествува на осмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот, во Барселона.

Во фокусот на дискусиите е ситуацијата во Израел – палестинските територии и последиците за регионот на Блискиот Исток. Во овој контекст, како што информираат од МНР, министерот испратил порака дека фокусот мора да се стави на дипломатските напори за знаоѓање долгорочно, одржливо решение, постконфликтно сценарио за трајна стабилизација што ќе гарантира стабилност и мир за Израел и палестинските територии и поширокиот регион.

„Не смееме да дозволиме немилите случувања да ги поткопаат основните принципи и цели на оваа организација и да фрлат сенка на досегашните достигнувања. Напротив, мораме да бидеме уште попосветени и да најдеме начини за поттикнување на меѓусебната соработка, дијалог и доверба. Силно верувам дека нема друга алтернатива – ова е единствениот пат напред”, истакна Османи.

Според него, во овој момент од најголема важност е да се обезбеди непречен проток на хуманитарната помош за жителите на Газа со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право, притоа поздравувајќи го ослободувањето на заложниците од Појасот Газа како дел од договорот за привремено примирје од пред неколку дена. Притоа, нагласи Османи, потребно е итно ослободување на преостанатите заложници.

На регионалниот форум на кои учествуваат министри за надворешни работи и нивни заменици од 37 држави членки на Унијата за Медитеранот.