Македонија Османи денеска во Берлин, утре на средби во Софија за деблокирање на...

Османи денеска во Берлин, утре на средби во Софија за деблокирање на почетокот на преговори со ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи; Фото: Порталб.мк

Набиена дипломатска агенда на министерот за надворешни работи Бујар Османи со фокус за деблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ. Османи денеска ќе престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе има средба со државната министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

За време на посетата, Османи ќе оствари средби во Бундестагот, и тоа со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања. Агендата на министерот Османи предвидува и средби со советниците на германскиот Канцелар Олаф Шолц – Јенс Плотнер, за надворешна политика, и Ундине Руге, за ЕУ прашања.

„Целта на посетата е да се реафирмира германската позиција во однос на нашето европско досие и поддршката во однос на итната потреба од деблокирање на пристапниот процес со ЕУ. Се очекува на средбите да бидат разменети мислења и за регионалната динамика, како и за безбедносната состојба на европскиот континент, во светло на новите геополитички предизвици“, се наведува во соопштението на МНР.

Од Берлин, министерот Османи патува директно за Софија, а ТВ 21 објави дека утре  заедно со еврокомесарот Оливер Вархеји во Софија ќе имаат средби со претставници на бугарскиот државен врв.