Дописници Оружје и дрога пронајдени во неколку домови во тетовското село Одри

Оружје и дрога пронајдени во неколку домови во тетовското село Одри

Пушкомитралез, калибар 7,62 милиметри, ловечки карабин „стејер“ и стотина куршуми, пронашле вчера полициски службеници во помошни простории во дом на 51-годишен жител од тетовското село Одри.

Неколку часа по претресот, лицето е лишено од слобода и во консултација и координација со јавен обвинител, задржано е во Секторот за внатрешни работи Тетово.

Пронајденото во претресот е фотофрафски и видеодокументирано, а потоа со потврда е одземено за вештачење.

Се расветлуваат сите детали и во текот на денешниот ден 51-годишниот осомничен со соодветен поднесок ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.

Вчера, исто така, извршени се претреси и во домови и во помошни простории на уште две лица во Одри. При тоа, во дом на 48-годишен жител пронајдени се две непознати растенија високи околу два метри, најверојатно канабис сатива, четири патрони од ловечко оружје, калибар 16 милиметри, и еден гасен пиштол. Во домот на 37-годишник пак, пронајдено е непознато растение. Пронајденото е документирано и со потврда одземено, додека двајцата жители од Одри, ќе се соочат со пријави.