Свет Европа Орбан: ЕУ да воспостави нови граници на северот од Грција

Орбан: ЕУ да воспостави нови граници на северот од Грција

Европската унија би требало да воспостави нова надворешна граница на северната граница на Грција затоа што договорот со Турција нема да биде доволен да спречи стотици илјади бегалци да доаѓаат во Европа, изјави унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

– Мислам дека следната линија за одбрана што би требало да ја воспоставиме лежи на северната граница на Грција – рече Орбан во интервју за унгарското државно радио.

Тој додаде дека Бугарија би требало да биде примена во шенгенската зона, додека на Македонија треба да ѝ се даде финансиска и друга помош за да ја зајакне својата одбрана.

– Мислам дека договорот со Турција нема да биде доволен сам по себе – оцени Орбан, чија земја подигна ограда на јужната граница за да спречи прилив на бегалци.

Унгарскиот премиер, исто така, најави вето на каков било предлог за санкции на ЕУ кон Полска, која е силен регионален партнер на официјална Будимпешта.

Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера го потпиша спорниот закон за медиуми кој на конзервативната влада ѝ дава контрола над државните медиуми, и покрај загриженоста на ЕУ и осудата од организациите за човекови права.