Свет Европа Орбан: Ако не сакате ограда, ќе ги пуштиме бегалците кон Германија

Орбан: Ако не сакате ограда, ќе ги пуштиме бегалците кон Германија

Унгарија или ќе ја заштити својата „зелена граница“ или „ако таа можност не е толку популарна“, ќе ги пропушти бегалците во правец кон Австрија или Германија, изјави во Брисел унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека мигрантите и „понатаму стигаат од Грција“.

– Австрискиот канцелар изјави недвосмислено дека ако само со ограда сме во состојба да ги задржиме мигрантите, тогаш подобро да ги пропуштиме. Тоа е нешто што треба да го разгледаме – рече Орбан по вонредниот самит на ЕУ за мигрантите.

Унгарскиот премиер рече дека на самитот се прифатени пет од шесте предлози на официјална Будимпешта.

Шестиот и најважен предлог, Грција да ги заштити своите граници, во соработка со ЕУ, ако не е во состојба тоа да го направи сама, не е прифатен, рече унгарскиот премиер, додавајќи дека тоа е штета.

– Во тоа смисла, европската надворешна граница сè уште не е заштитена и мигрантите, кршејќи го меѓународниот договор, доаѓаат преку Грција – рече Орбан, додавајќи дека на учесниците на самитот им недостигало одлучност и храброст за да ја сфатат важноста на ова прашање.