Дописници Општина Вевчани ги заокружува подготовките за изградба на ски-центар на Јабланица

Општина Вевчани ги заокружува подготовките за изградба на ски-центар на Јабланица

Општина Вевчани ги заокружува подготовките за изградба на ски-центар на планината Јабланица. Студијата за финансиска оправданост ја изработи француска компанија од Гренобл. Сега, Владата на Република Македонија треба да даде зелено светло за мастер-планот, а потоа да почне и изградбата на скијачкиот центар.

Скијачкиот центар на Јабланица ќе се гради во месноста Јанков Камен над Вевчани. Предвидена е изградба на скијачки лифт долг околу 3,5 километри, хотели и викенд-населба. Деновиве, во Вевчани престојуваа сопствениците на словачката компанија „Татралифт“, која е заинтересирана да инвестира во изградба на ски-центар на планината Јабланица.

Во Вевчани беше и словачкиот амбасадор во Република Македонија, Мартин Безак, кој имаше средба со градоначалникот Цветомир Угриноски.

– Станува збор за прва официјална посета на словачкиот амбасадор Безак на Општина Вевчани, а претставниците на компанијата „Татралифт“ доаѓаат вторпат во Вевчани. Се разговараше за досегашните активности и за идните планови за развој на општина Вевчани. Особен акцент се стави врз развој на алтернативниот, планинскиот и на зимскиот туризам во Вевчани. Се направи и презентација на студијата за изградба на ски-центар на планината Јабланица – појаснува градоначалникот Угриноски.