Македонија Општина Центар го продолжи мораториумот за градби до април 2019

Општина Центар го продолжи мораториумот за градби до април 2019

Советот на Општина Центар на вчерашната седница го продолжил мораториумот за градби на територија на општината, односно повторно ја донел одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови.

„Мораториумот за градби за првпат беше донесен на 27 декември минатата година и продолжувањето е со важност до 30 април 2019. Со мораториумот, 31 ДУП се враќаат на повторна доработка, а истовремено се забранува издавање на одобренија за градби на територија на општината, со што идејата на општината е да воведе ред во урбанистичкото планирање, но и да придонесе кон намалување на загадувањето на околината и атмосферскиот воздух“, се вели во соопштението на Општина Центар.

На предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додадена беше и точката за поддршка на семејствата на бранителите – учесници во конфликтот од 2001 година.

„Градоначалникот Саша Богдановиќ, во консултација со советниците, материјалот го даде на понатамошна обработка и точката за поддршка на бранителите ќе се најде на дневен ред на некоја од идните седници“, се додава во соопштението.