Македонија Општина Тетово и Црвен крст со парична помош за семејствата на загинатите...

Општина Тетово и Црвен крст со парична помош за семејствата на загинатите во ковид болницата

Фото: Мета.мк

Тетовската локална самоуправа одлучи финансиски да им помогне на семејствата на загинатите и повредените лица од пожарот во ковид болницата. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи рече дека Општина Тетово ќе им помогне на семејствата за погребалните услуги според ковид стандарди, но и ќе исплати еднократна парична помош од 60.000 денари за семејствата на починатите и повредените лица.

И Црвениот крст на Република Северна Македонија се одлучи парично да ги помогне семејствата кои ги изгубија своите најблиски во трагичниот пожар во тетовскиот ковид центар.

„Во овие тешки моменти на загуба на најблиските, во знак на солидарност и хуман гест, на семејствата на загинатите граѓани Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе им додели еднократна парична помош во висина од 30.000 денари по семејство“, информираат од Црвениот крст.