Дописници Општина Битола ќе земе кредит од 2,5 милиони евра

Општина Битола ќе земе кредит од 2,5 милиони евра

Мнозинството советници во општинскиот совет денеска дадоа зелено светло за Општина Битола да се задолжи со кредит од два и пол милиони евра. Задолжувањето ќе се реализира преку Проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран со заем од Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка. За задолжувањето со кредитот гласаа 14 советници „за“, а девет „против“.

Позајмените пари ќе се наменат за изградба на инфраструктура во поранешната касарна во Битола, каде сега никнуваат нови станбени згради.

Дискусиите меѓу власта и опозицијата во битолскиот совет околу прашањето дали кредитот треба или не траба да се подигне, на моменти заличуваше и на хумористична претстава. Советник од власта си зел задача да зборува за реномето на Светска банка, наведувајќи дека банката ги поддржува земјите во развој, за што истражувал на интернет, на што опозициски советник му возврати дека „селска или светска“, банка си е банка, па позајмува за интерес, а не за џабе.

Опозицијата на денешната дискусија во Советот обвинуваше дека ова задолжување не е оправдано бидејќи инвеститорите во поранешната касарна веќе платиле пари за инфраструктурата.

– Ако ова задолжување е во ред, тогаш зошто тука не се нацрта градоначалникот Талески, туку вас ве пушта по вода –  рече Валентин Груевски, советник од ЛДП.

Опозицискиот советник Александар Каспов, пак, ги праша советниците од власта зошто наместо кредит од Светска банка не побарале позајмица од Владата без камата. Или, пак, побарале, но не им дала.

Кредитот со кој се задолжува Општината е со рок на отплата од 13 години и грејс-период од три години.

А.Б.