Македонија Општина Аеродром со кривична пријава до обвинителството за палење отпад на отворено

Општина Аеродром со кривична пријава до обвинителството за палење отпад на отворено

Локалните власти велат дека Законот за амбиентален воздух предвидува обврска за инспекциските служби да поднесат кривична пријава до надлежните судови за поведување на кривична, односно прекршочна постапка, доколку при вршењето надзор се утврди основа за тоа

Расфрланиот отпад на локацијата Вардариште снимен на 9 јануари 2023 година; Фото Мета.мк

Скопската општина Аеродром поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство од Скопје против непознат сторител поради согорување на отпад на отворен простор, кој се случува надвор од границите на нивната општина, информираат од оваа општина.

„Општина Аеродром во текот на вчерашниот ден до Основното јавно обвинителство од Скопје достави кривична пријава против непознат сторител. Кривичната пријава се однесува за согорување отпад на отворен простор на територија надвор од границите на општината. Истата е поднесена согласно член 70 од Законот за амбиентален воздух, по претходен надзор од страна на инспекциските служби и по претходна пријава од страна на граѓаните за непријатен мирис кој се чувствува на територијата на општината“, стои во соопштението од Аеродром.

Локалните власти велат дека Законот за амбиентален воздух предвидува обврска за инспекциските служби да поднесат кривична пријава до надлежните судови за поведување на кривична, односно прекршочна постапка, доколку при вршењето надзор се утврди основа за тоа.

„Со оглед на фактот дека станува збор за кривично дело свесно сторено од страна на непознат сторител и на територија на друга општина, Општина Аеродром смета дека целосно се исполнети условите за кривичен прогон за конкретното кривично дело, а притоа очекуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство согласно своите законски надлежности да постапат по доставената кривична пријава и истата во најкраток рок да ја процесираат до надлежните судски органи“, велат од Општина Аеродром.

Од Општина Аеродром апелираат за почитување на законите и одговорност кон околината, додавајќи дека општинските служби и во иднина ќе преземаат активности кои се во согласност со законот.