Македонија Општина Аеродром набави две возила за зимско одржување на улиците

Општина Аеродром набави две возила за зимско одржување на улиците

Исто така, набавени се и 300 тони сол за зимско одржување улици

Денеска, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, ја информираше јавноста дека Општина Аеродром набави две возила за зимско одржување улици, така што подготвено ќе ја дочека зимата.

Станува збор за возилата од марка „ивеко дејли“, кои се опремени со сите неопходни делови за лесно, брзо и функционално реагирање при снежни врнежи.

Имено, камионите како додатна опрема имаат плуг за чистење снег, соларка со распрскувач и товарен сандак, а, исто така, и светла за магла.

Возилата имаат вкупна дозволена носивост од седум тони, така што со двете возила одеднаш може да се покрие целата територија на општината. За оваа инвестиција Општината одвои од својот буџет околу осум милиони денари, а фирмата од која се набавени, „Карго макс“, има обврска за одржување и гаранција на возилата во наредните три години.

Исто така, набавени се и 300 тони сол за зимско одржување улици. На тој начин, почнувајќи од оваа година, Општина Аеродром нема да мора да ангажира фирми за одржување на локалните улици и патишта што се во нејзина надлежност.

Акциите за расчистување на снегот ќе ги организира со сопствени ресурси, во кои, покрај двете нови возила за зимско одржување улици, ќе ги организира и сезонските работници да го чистат снегот од тротоарите.

На промоцијата на соларките присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој го поздрави проектот и рече дека примерот на Аеродром треба да го следат и другите општини.