Македонија Општина Аеродром контра Ангелов: Ова не е Твитер и кршење керамиди, за...

Општина Аеродром контра Ангелов: Ова не е Твитер и кршење керамиди, за кејoт е одговорен Град Скопје

Фото: ЦУК

Општина Аеродром реагираше на вчерашната прес-конференција на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, тврдејќи дека тој ги измешал термините, поимите и надлежностите.

Како што посочуваат од општината, Ангелов, наместо да ја вршел својата работа согласно законот, тој пласирал невистини и ја префрлал одговорноста. Оттаму потенцираат дека ако Ангелов ги познавал законите, ќе знаел дека обврска на институцијата која тој ја води е да ги координира надлежните институции во процесот на управување со кризи.

„Координација помеѓу државните институции подразбира писмена комуникација, активна соработка и редовни состаноци, а не прес-конференции и јавни паради. Директорот на ЦУК треба да знае и дека надлежност за решавање на проблемот кој тој го посочи има исклучиво градот Скопје“, се наведува во соопштението на општината.

Во него стои дека системот за управување со кризи и потенцијалните опасности во него се решаваат со меѓусебна работа и координација, а не со прес конференции и паради во јавност.

„Ова не е твитер и кршење керамиди. Станува збор за проблем кој треба да го реши градот Скопје, а решавање го координира Центарот за управување со кризи. Поради ова уште еднаш апелираме сите институции да си ги извршуваат законските надлежности, да постапувааат согласно со законите и да внимаваат какви информации споделуваат со јавност“, се вели во соопштението.

Ангелов во изјава за медиумите предупреди за 30 метарска дупка на кејот на Вардар во Аеродром, која не била оградена и претставувала опасност за луѓето што се рекреираат во овој дел.