Македонија Опозицијата и власта се скараа за носењето закони по скратена постапка

Опозицијата и власта се скараа за носењето закони по скратена постапка

Фото: Борче Поповски

Власта и опозицијата денеска се скараа околу предложените закони што се разгледуваа на 116 – та седница на Собранието. Од ВМРО – ДПМНЕ обвинија дека владејачкото мнозинство ја злоупотребува процедурата „скратена постапка“, со цел да се избегнат дебатите за законските решенија коишто се носат. Пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ, Лилјана Затуроска рече дека се заобиколуваат процедурите кои едно законско решение треба да ги помине.

– Денес, на 116 – та седница на Собранието како предлог на дневен ред од страна на Талат Џафери и парламентарното мнозинство од 24 точки, дури 13 се по скратена постапка – изјави пратеничката Затуроска.

Од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ побараа да престане, како што велат, самоволието со злоупотребата на скратената постапка и да се дозволи да профункционира широката дебата за законските решенија.

Наспроти ваквиот став на опозицијата, од владејачката партија СДСМ ја обвинија опозицијата за неприсуство на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ при гласањето на Законот за минимална плата и Законот за субвенционирање на придонесите.

Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ ја обвини опозицијата дека е против зголемувањето на минималната плата во земјава. Според него, ВМРО – ДПМНЕ работи против граѓаните, нуди обнова на режимот и осиромашување на граѓаните.

– Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ дојдоа во Собрание, се пријавија како присутни, а потоа ја напуштија пленарната седница на која на дневен ред беа Законот за минимална плата и Законот за субвенционирање на придонесите – изјави пратеникот Костадинов.

Покрај законот за зголемување на минималната плата на 14.500 денари и законот за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за компаниите што ќе ги зголемат платите до 6.000 денари, пратениците од Собранието по скратена постапка денеска ги разгледуваа измените и дополнувањата на Законот за градење, Законот за земјоделство и рурален развој, Законот за служба во АРМ, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за спорт, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и уште неколку други законски предлози.