Подглавна секција Опожарен автомобилот на судијката Габриела Гајдова

Опожарен автомобилот на судијката Габриела Гајдова

Автомобилот на судијката од велешкиот суд, Габриела Гајдова, изгорел вчеравечер околу 21 часот, а причините за пожарот сè уште не се познати. Автомобилот на судијката бил паркиран пред семејната куќа, а кога избувнал пожарот, таа и нејзиното семејство не биле дома. За инцидентот биле информирани од соседите. Огнот не се проширил на резервоарот со бензин, но целосно се уништени моторот и предницата на автомобилот. На местото на настанот увид извршиле СВР Велес и јавен обвинител.

Судијката Гајдова рече дека додека не го добие вештачењето, нема да зборува дали и од кога имала закани во врска со пресуди.

– Ако ова е некаква порака до мене, тогаш да кажам јавно дека останувам да работам според законите и прописите и нема да отстапам од ова – рече Гајдова.

Ова е третпат годинава во пожар да е уништен автомобил на судија од велешкиот суд. На 13 април, опожарен беше автомобилот на поранешниот претседател на судот, Јордан Лазаров, а на 14 октомври изгоре и автомобилот на судијата Шефќет Адеми.