Свет Свет Опаѓа смртноста од сида, но се зголемува бројот на лица што се...

Опаѓа смртноста од сида, но се зголемува бројот на лица што се лекуваат од ХИВ

Минатата година во светот од сида починале 1.1 милион инфицирани лица, што е речиси двојно помалку во споредба со 2005 година, кога починале околу два милиони инфицирани, покажа извештајот на Агенцијата за борба против сидата на Обединетите нации, УНАИДС.

Во извештајот за пандемијата на сида, која зарази 78 милиони луѓе, а 35 милиони починаа од почетокот на нејзиното појавување од 1980 година, УНАИДС наведува дека постојано се зголемува бројот на тие што се лекуваат, додека бројот на починатите од сида се намалил за 45 отсто.

-Напредокот кој е постигнат е извонреден, но истовремено и кревок, особено кога станува збор за лекарските третмани – изјави извршниот директор на УНАИДС, Михел Сидибе.

Според извештајот на УНАИДС, додека се зголемува бројот на лица позитивни на ХИВ, кои живеат подолго, се зголемува и потребата од спречување на ширењето на болеста. Намалувањето на бројот на новоинфицирани е сè потешко, наведува УНАИДС, и покрај тоа што лековите можат да го намалат нивото на вирусот во крвта на пациентот речиси на нула.