Подглавна секција ОН: Луѓето во Газа веќе не бараат леб – бараат вода

ОН: Луѓето во Газа веќе не бараат леб – бараат вода

Во израелски воздушен напад извршен синоќа врз амбулантни возила користени за евакуација на ранетите од опколениот северен дел на Газа, загинаа 15 лица, а 60 се ранети, соопшти Министерството за здравство на енклавата под контрола на Хамас

Фото: Mohammed Talatene/dpa

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера се спротивстави на зголемениот притисок од САД за „хуманитарна пауза“ за да се заштитат цивилите и да се дозволи поголема помош во Газа. Тој тврди дека нема да има привремен прекин на огнот додека не се ослободат 240 заложници држени од Хамас, пренесува Асошиејтед Прес.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го оствари своето трето патување во Израел од почетокот на војната, повторувајќи ја американската поддршка Израел да се спротивстави на Хамас по бруталниот напад на 7 октомври во Израел. Но, тој, исто така, ги повтори повиците на претседателот Џо Бајден за краток прекин на борбите за справување со влошената хуманитарна криза.

Неколкунеделното израелско бомбардирање и проширувањето на копнениот напад донесе сериозни последици, кои дел од светските организации ги опишаа како „геноцид“. Преоптоварените болници велат дека се пред колапс, а околу 1,5 милиони луѓе во Газа, или 70 отсто од населението, ги напуштиле своите домови, соопштија вчера од Обединетите нации.

Просечниот жител на Газа сега преживува со две парчиња леб дневно, од кои голем дел е направен од складирано брашно од ОН, рече Томас Вајт, директор на Агенцијата на ОН за палестински бегалци во Газа. Расте и побарувачката за вода за пиење.

„Луѓето не бараат леб“, им рече тој на дипломатите на ОН на видео брифинг од Газа. „Бараат вода“.

Во израелски воздушен напад извршен синоќа врз амбулантни возила користени за евакуација на ранетите од опколениот северен дел на Газа, загинаа 15 лица, а 60 се ранети, соопшти Министерството за здравство на енклавата под контрола на Хамас.

Израелската војска соопшти дека идентификувала и погодила амбулантно возило „користено од терористичката ќелија на Хамас“. Тие тврдат дека групата дека пренесувала милитанти и оружје во амбулантни возила.

Претходно, Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека најмалку 13 лица загинале во експлозијата пред Ал-Шифа.

Би-би-си Верифај ја потврдило автентичноста на видеата на кои се гледаат тешко повредени и веројатно мртви луѓе кои лежат надвор од болницата.