Македонија ОМД сугерира во новата влада да има и министерство за дијаспора

ОМД сугерира во новата влада да има и министерство за дијаспора

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), една од најголемите и најактивните организации на македонската емиграција, му сугерираше на мандатарот за составување на новата влада да формира министерство за дијаспора, како начин да се продлабочат врските меѓу иселениците и Македонија.

Ова не е првпат ОМД да бара министерство за дијаспора, тоа го повторува безмалку секоја година во последниве четири-пет години, но сега тоа барање добива особено значење поради фактот што власта преминува во рацете на СДСМ – партија која на 12 октомври 2015 година вети дека СДСМ веднаш по доаѓањето на власт, ќе формира и министерство за дијаспора.

Во владата на Љубчо Георгиевски во 1998 година имаше министерство за иселеници, кое по извесен период беше згаснато, а неговите ингеренции ги презедоа Агенцијата за иселеништво и Министерството за надворешни работи.

Во соопштението, ОМД порачува оти од Заев очекува „подобрување на имиџот на Македонија во странство и нејзино враќање на вистинскиот пат за целосна евро-атлантска интеграција, без никакви условувања за името и за идентитетот на Македонија“.

ОМД се обрати и до ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека треба да биде силна и конструктивна опозиција, „со што би имале директно влијание врз македонската влада, да биде одговорна, транспарентна и прогресивна“.