Главна секција Омбудсманот ги повика партиите да не го злоупотребуваат МВР

Омбудсманот ги повика партиите да не го злоупотребуваат МВР

Народниот правобранител, Иџет Мемети оцени дека петочната полициска акција во Арачиново и Липково имала за цел да го заплаши населението и додаде дека вчерашната изјава на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски била конфузна, јавува „Алсат-М“.

Според Мемети, неприфатливо е полициските акции да траат со денови, а населението да на знае што се случува.

– Многу лесно кај граѓаните се создаваат сомнежи дека ова се прави од политички причини или дека акциите се национално мотивирани. Тоа е многу лошо за Македонија како кревко општество, каде е изгубена довербата во институциите – рече Мемети и ги повика функционерите да престанат да ги користат полициските сили за сопствени политички цели.

Според Мемети, полициска акција во Арачиново и Липково е резултат на борбите на власта и на опозицијата во транзиционата влада. Тој оцени дека и двете партии излегуваат со систематски конфузни изјави и оти ги злоупотребуваат институциите за политички цели.