Македонија ОЈО бара притвор за татко осомничен за малтретирање и запуштање на 14-годишната...

ОЈО бара притвор за татко осомничен за малтретирање и запуштање на 14-годишната ќерка

Според обвинителството, таткото постојано ја оставал ќерката сама дома додека патувал, а додека бил дома, ја тепал со каиш, а еднаш се обидел и да ја прободи и со нож

Фото: The image was posted by Anemone123 on Pixabay

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 45–годишен државјанин на Босна и Херцеговина со привремен престој во Скопје, за кого постои сомнение за запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик. Според обвинителството, таткото постојано ја оставал ќерката сама дома додека патувал, а додека бил дома, ја тепал со каиш, а еднаш се обидел и да ја прободи и со нож.

Од обвинителството велат дека осомничениот бил единствениот родител со кој живеело девојчето. Тој, според ОЈО Скопје, редовно патувал во странство и ја оставал сама, без соодветна родителска грижа и без обезбедена храна и хигиена во домот.

„Кога ќе се врател од своите патувања, тој вршел психичко и физичко насилство врз детето, користејќи каиш и удирање како средство за нејзино воспитување, а во една прилика се обидел да ја прободе со нож. Осомничениот ја вработил 14-годишната ќерка во слаткарница за време на викенди, а остварениот приход ѝ го земал за да ги надомести сопствените долгови“, стои во соопштението на ОЈО Скопје.

Понатаму, се додава дека на 22 март годинава девојчето се разболело само дома и не отишло на училиште, а таткото ѝ се јавил од странство и ѝ се заканил дека кога ќе се врати ќе ја претепа затоа што отсуствува.

„Ваквото однесување, кај жртвата прдизвикало постојан страв и стрес, како и чувство на напуштеност и на отсуство на родителска грижа“, се вели во соопштението.

Поради околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност да влијае на сведоци или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.​