Дописници „Охридско лето“: Вечерва концерт на „Судар перкашн“ и музика за удирачки инструменти

„Охридско лето“: Вечерва концерт на „Судар перкашн“ и музика за удирачки инструменти

Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечерва, со почеток во 21 часот, ќе настапи Ансамблот „Судар перкашн“ од Хрватска.

На програмата на концертот, кој е во рамките на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, се дела од Мештровиќ, Моцарт и од други композитори.

Ансамблот е формиран во 2010 година за да се поттикне развојот и создавањето на музика за удирачки инструменти.

Во ансамблот членуваат млади професионални музичари од Самобор кои се стремат кон популаризирање на овие инструменти помеѓу младите преку работа на иновативни проекти.

„Судар перкашн“ досега соработувал со некои од најголемите имиња од светската удирачка сцена и музичката уметност воопшто, меѓу кои и композиторот Матеја Мештровиќ – соработка која резултирала со бројни концерти и настапи на еминентни фестивали на Балканот.

Ансамблот има издадено и авторски компакт-диск на Мештровиќ, наслов „Eat Suite“, за кој има освоено две награди, од вкупно шест номинации, на  „Индипендент мјузик авордс“ (Independent Music Awards) во Соединетите Американски Држави.