Култура „Охридско лето“: Босански севдах и балканска традиционална музика со „Амира трио“

„Охридско лето“: Босански севдах и балканска традиционална музика со „Амира трио“

Вечерва на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на „Света Софија“, од 21 часот, публиката ја очекува средба со босанскиот севдах и со балканска традиционална музика.

Настапува „Амира трио“ на вокалот Амира Медуњанин, а во кое се и Звонимир Шестак – контрабас и Анте Гело – гитара, и двајцата од Хрватска. На програмата се и неколку македонски обработки.

– Се подготвуваме за Охрид. Анте, Звонимир и јас. Настапуваме на фестивалот „Охридско лето“. Ова е моја прва посета на Македонија воопшто. Многу сум среќна – напиша на својот официјален профил на „Фејсбук“, Медуњанин, дамата со прекрасен глас која лондонски „Гардијан“ ја нарече балканската Били Холидеј.

На фестивалот „Охридско лето“, синоќа се играше претставата „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло, со театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петерсбург, во режира на Дејан Пројковски.

Во Охрид, претставата дојде како добитник на наградата за најдобра претстава и за најдобра режија на Меѓународниот театарски фестивал ФИАТ, кој се одржува во Црна Гора.