Дописници Охридските средношколци кампуваат заедно со скопските

Охридските средношколци кампуваат заедно со скопските

Заедно со врсниците од Скопје, во кампот пред МОН, две деноноќија поминаа и поголема група средношколци од Охрид.

Со ваквиот потег, велат тие, им даваат поддршка на своите врсници во напорите да се слушне нивниот глас околу државната матура и екстерното тестирање и подобрувањето на образовниот процес во земјава.

– Ќе кампуваме сè додека не дојде до компромис помеѓу двете страни, а веднаш по постигнувањето заедничко решение, се враќаме назад – порачаа средношколците од Охрид пред поаѓањето за Скопје.

Ученици од трета и од четврта година од средните училишта „Свети Климент Охридски“ и „Свети Кирил и Методиј“ од почетокот на месецов ја бојкотираат наставата, а организираа и два мирни марша во центарот на Охрид за да го привлечат вниманието и да се слушнат нивните барања.

Средношколците од „Средношколски пленум“ веќе четврти ден кампуваат пред МОН, во обид да ги натераат надлежните сериозно да ги сфатат нивните барања за укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот начин на полагање државна матура. Наставата, според пленумот, ја бојкотираат 18.000 средношколци низ повеќе градови.