Дописници Охрид во аранжманите на најексклузивни светски туристички оператори

Охрид во аранжманите на најексклузивни светски туристички оператори

Македонската туристичка и летна културна мека, Охрид, се најде во туристичките аранжмани што ги нудат најексклузивни туристички оператори од светот, за 2015 година. Најчесто, тој е дел од понудата за балкански тури, во кои Македонија се нуди во туристички пакет со Косово и со Албанија, објави порталот „Охрид њуз“.

Еден од најстарите американски туристички оператори, „Кутрубс травел“ (Кutrubes travel) од Бостон, го нуди Охрид во рамки на балканските тури, но и во посебно креирана понуда „Македонска гурманска тура“ (Macedonia culinary tour). Тоа е 12-дневен аранжман, чија основа се македонската традиционална храна и вино, а освен Охрид вклучува и неколку други македонски градови.

Еден од најстарите туристички оператори од Велика Британија, „Експлор“ (Еxsplore), ја нуди Македонија преку 14-дневен аранжман, заедно со Албанија. Овој аранжман на веб-страницата на операторот стои со предзнакот „најпродавани“ (Best seller).

Познатиот туристички оператор „Перегрин“ (Peregrine), кој има седишта и во Европа и во Австралија, го нуди Охрид со 10-дневниот аранжман „Открите ги Албанија и Македонија“.

Застапеноста на Охрид кај ексклузивните туристички оператори, дава надеж за зголемување на бројот на странски туристи. Особено е добро што се нуди како дел од балканските тури. Зголемувањето на понудите за балкански тури во кои е застапен и Охрид, ќе значи многу за промоција на градот како туристичко место што ќе резултира и со зголемување на бројот на туристи.

Охрид е дел од балканските тури за сè побројните гости од Турција, како и од Далечниот Исток – Јапонија и Јужна Кореја.