Дописници Охрид догодина – Светски град на хуманизмот

Охрид догодина – Светски град на хуманизмот

Претседателот на Академијата на хуманизмот, Јордан Плевнеш, обзнани дека Охрид догодина ќе биде прогласен за Светски град на хуманизмот.

-Постапката е почната во консултации со познати интелектуалци и уверен сум дека ќе ја реализираме оваа идеја на Охридската академија на хуманизмот – вели Плевнеш.

Формален повод ќе биде 1.100-годишнината од смртта на свети Климент Охридски.

Плевнеш предлага дотогаш да се одбере локација на која ќе биде изграден „ѕид на хуманизмот“, каде ќе се пишуваат добитниците на Светската награда за хуманизам. Годинешен лауреат беше Џон Ралстон Сол од Канада, кому признанието му беше врачено деновиве во Охрид.

Досегашни добитници на Светската награда за хуманизам што секоја година се доделува во Охрид на празникот Водокрст се: Даисаку Икеда од Јапонија, Маноел де Оливеира од Португалија, Александар Сложеницин од Русија, Рави Шанкар од Индија, Британецот Питер Брук, Вида Огњеновиќ од Србија, Германката Херта Милиер и Светлин Русев од Бугарија.

Во Охрид, градот на УНЕСКО, што ги следи духовните визии на светите Кирил и Методиј, заштитиниците на Европа, и нивните ученици светите Климент и свети Наум, ова меѓународно признание се издигна во светски рамки со престижните добитници, кои ја пренесоа славата на Охрид, како словенски Ерусалим на сите меридијани.