Дописници Охрид денеска „се капеше“ во сонце, на плус 15 ноемвриски степени

Охрид денеска „се капеше“ во сонце, на плус 15 ноемвриски степени

Охриѓани и малиот број туристи пријатно ги изненади сончевото и тивко време, иако за денеска беше најавен облачен и врнежлив ден.

Напладне температурата на воздухот се доближи до 15 Целзиусови степени, што е навистина реткост и привелегија бидејќи ги трошиме последните денови на ноември и влегуваме во официјалниот зимски период.

Пријатниот сончев и невообичаено топол ден за овој период од годината, привлече голем број шетачи покрај езерскиот брег, а многумина уживаа во кафе и во пријатна глетка на отворените тераси и летни бавчи.

Интересот за крајезерски прошетки, во друштво на лебедите и на галебите, го зголемува и информацијата на метереолозите дека веќе од утре повторно ќе потпаднеме под влијание на циклонска активност од Медитеранот, која ќе донесе нови врнежи од дожд, а на планините во Западна Македонија ќе има и врнежи од снег.

Сепак, прогнозата за викендот е охрабрувачка. За сабота и за недела се најавува променливо облачно време, со умерен северозападен ветер и со температура од 5 до 12 Целзиусови степени.