Македонија Оглас за економски промотори во САД

Оглас за економски промотори во САД

Македонската влада отвори јавен повик за пројавување интерес за економски промотори.

Се бараат високо-образовани и способни кадри, со релевантно искуство. Потребни се економски промотори во Њу Џерси, Конектикат, Далас и во Хјустон и еден во Минеаполис.

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија активно учествува во енергичната кампања на Владата која има примарна цел – подобрување на економски пораст на земјата преку зголемување на странските директни инвестиции во софистицирани, високи технологии, извозно ориентирани индустрии во земјата и во целните индустриски сектори во кои Македонија е конкурентна.

Портпаролот на македонската влада, Александар Ѓорѓиев, истакна дека заинтересираните кандидати треба да достават мотивациско писмо (со максимум 500 зборови) и кратка биографија.

– Кандидатите кои ќе аплицираат треба да имаат завршено високо образование, да работеле две години во рамките на сферата на економијата и да имаат одлично познавање на англискиот јазик. Цениме дека е добра можност за сите кандидати, за оние најспособни, најквалитетни кандидати, да аплицираат за да добијат можност да бидат избрани и да ја извршуваат оваа одговорна функција која е значајна и за Република Македонија, но е значајна и за нивната кариера и нивниот професионален развој – истакна Ѓорѓиев.

Кандидатите кои ќе се јават на огласот треба да ги исполнат следниве услови: да имаат висока стручна спрема, релевантно работно искуство од најмалку две години, одлично познавање на англиски јазик, способност за презентација, комуникациски вештини и тимска работа, способност за покренување иницијатива, проактивност и работа под притисок.

Огласот ќе трае до 10 ноември годинава.